ЕПИЛЕПСИЈА ВО БРЕМЕНОСТА

Епилептичните напади се неповолна состојба за време на бременоста. Ова посебно се однесува на контролата на големите напади (генерализирани тонично клонични напади) кои ако се јават во напредна бременост може да предизвикаат недостиг на кислород кај плодот, а со самото тоа последици по плодот.    

Дали антиепилептична терапија може да предизвика компликации кај бремените жени?

Сите антиепилептични лекови имаат потенцијал да предизвикаат малформации кај плодот, но тој потенцијал не е така голем како што порано се мислело. Општо земено, ризикот е мал и сите жени кои имаат епилепсија имаат услови да родат здрави  деца. Планирањето и водењето на бременоста од стручни лица е најголем предуслов за исполнувањето на желбата на овие жени да имаат здрави деца.

Дали може да се предвиди текот на епилепсијата во бременост?

Текот на епилепсијата во период на бременоста не може да се предвиди. Студиите покажуваат дека кај околу 50% од бремените жени честотата на нападите останува непроменета, кај околу 30% нападите зачестуваат, а кај околу 20% проретчуваат. Зачестеноста на нападите се поврзува со зголемување на нивото на серумски естрогени, задршка на натриум, а со тоа зголемување на количината вода во организмот. Исто така, стравот, психичката напнатост, несоницата се фактори што можат да придонесат за зачестување на нападите.

Во пракса многу од жените плашејќи се од негативните ефекти на лековите самоиницијативно ја намалуваат дозата или комплетно го прекинуваат лекот. Поради сето ова во тек на бременоста  треба барем еднаш месечно да се проверува серумското ниво на лекот во крвта за по потреба да се одреди дозата на лекот. По породувањето серумското ниво на лекот може да се зголеми заради што дозата ќе треба да се промени т.е. намали.

Кои се потенцијални ризици за плодот?

Познато е дека деца на родители кои имаат епилепсија имаат поголем ризик и самите да добијат епилепсија споредено со општата популација (иако веројатноста е мала, односно околу 3% поголема). Ризикот е поголем ако мајката има епилепсија, а помал ако таткото има епилепсија. Појавата на напади кај мајката за време на бременоста уште повеќе го зголемува ризикот за појава на епилепсија кај детето. Децата на жени кои имаат епилепсија имаат поголем ризик за фетална смрт, вродени деформитети и аномалии, забавен развој. Жените со епилепсија имаат 3-5 пати почесто рани или доцни спонтани абортуси. Причината за ваквата состојба не е позната. Се смета дека причината се повеќе самите напади отколку примената на антиепилептични лекови. Од посериозните (поголеми) малформации најчесто се јавуваат  расцеп на горната усна и срцеви дефекти. Oд малите малформации најчесто се среќаваат малформации на прстите.

Ризикот од појава на деформитет кај плодот е поголем кај повисоки дози на лекови и при употреба на повеќе антиепилептици за контрола на нападите. Сите деформитети кај плодот се предизвикани во првите 3 месеци  од бременоста кога се формираат органите кај плодот. Многу од жените и не знаат дека се бремени во првите 1-2 месеци од бременоста па ја пијат пропишаната максимална доза од лекот. Заради ова кај жени со епилепсија од големо значење е бременоста да се планира, и редовно да се контролира.

Како се води бременоста кај жена со епилепсија?

Лекарот кој ја планира и води антиепилептичната терапија за време на бременоста се соочува со две спротивставени  барања, а тоа се мајката да нема напади, а плодот да се заштити од несаканите ефекти на антиепилептиците. На идната мајка треба да ѝ се објаснат ризиците од примената на антиепилептици како за неа така и за плодот и да се направи тие ризици да се сведат на минимум.

Ова може да се постигне ако пред да започне бременоста пациентката се префрли само на еден антиепилептик и тоа на најниската доза која дава ефект. Најдобро е да се избере лек кој покажува специфично дејство за одреден вид напади. Во периодот пред бременоста треба да се одреди нивото на лекот во крвта за да ја видиме можноста за намалување на дозата.

Многу е добро ако може да се постигне дозата на лекот да се држи на најниско можно ниво,во првите 3 месеци од бременоста, а во последните месеци од бременоста дозата да се покачи за да не се појават напади за време на породувањето. Покрај ова, од почеток на бременоста е потребно да се даваат мултивитамински препарати кои во себе содржат и фолна киселина. Во последните месеци од бременоста треба да се вклучи и витамин К за да не дојде до крвавења кај плодот.

Во тек на бременоста задолжително е барем еднаш во 18 недели од бременоста пациентката да се упати на висококвалитетен  ултразвучен (ЕХО) преглед за да се регистрираат евентуални малформации кај плодот. Ако такви малформации се регистрираат, во зависност од нивната тежина бременоста може и да се прекине. Породувањето пожелно е да се изврши во институција која во својот состав има единица за интензивна нега и лекување поради опасноста од појава на епилептични напади за време на самиот акт на породување.

ИЗВОР


Не е дозволено превземањето на оваа содржина или на делови од неа без цитирање на изворот Здружение ЕПИЛЕПСИЈА МАКЕДОНИЈА
Tweet about this on TwitterEmail this to someoneBuffer this pagePin on PinterestShare on FacebookShare on Google+Share on LinkedInShare on VKPrint this page

Comments on Facebook

Copy Protected by Chetan's WP-Copyprotect.